Студиска посета на Министерство за јавна администрација на Република Словенија 26-30.10.2009Во периодот од 26 до 30 октомври 2009 година, м-р Абдула Азари, заменик генерален секретар на Владата на Република Македонија, Синиша Цветаноски, помлад соработник во Одделението за реформа на јавната администрација, Љупка Гацева, помлад соработник во Одделението за соработка со невладини организациици, Мелек Алија Елези, помошник раководител на сектор за општи работи во Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, Зулејха Рамадани, самостоен референт и Ајсел Ахмед, самостоен референт остварија студиска посета на Министерството за јавна администрација на Република Словенија. Студиската посета беше организирана од страна на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) – Набљудувачка мисија во Скопје во рамките на проектот “Зајакнување на капацитетите на Одделението за реформа на јавната администрација при Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија“. Целта на студиската посета беше запознавање на учесниците со процесот на пристапување на Република Словенија во Европската унија, активностите кои се преземени за реформирање на јавната администрација, како и предизвиците со кои се соочува земјата по нејзиното пристапување во Унијата. За време на студиската посета претставниците на Генералниот секретаријат и Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор имаа прием кај Амбасадорот на Република Македонија во Словенија, г-дин Самоил Филиповски, кој ја истакна важноста на поддршката која Република Словенија и ја дава на Република Македонија во процесот на пристапување кон Европската унија. Претставниците на Генералниот секретаријат и Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор се сретнаа со Д-р Ерик Кершеван, Советник на Претседателот на Република Словенија и разговараа за значењето на јавната администрација во насока на интегрирање кон Европската унија, како и за креирањето на политиките за реформирање на истата. Едновремено, претставниците на Генералниот секретаријат и Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор имаа можност да се запознаат со организирањето и функционирањето на јавната администрација во Република Словенија за време на претседавањето со Европската унија, со структурата, улогата и одговорностите на Министерството за јавна администрација, како и со реформата на системот за плати, управувањето со човечките ресурси и Законот за јавна администрација. Претставниците на Генералниот секретаријат и Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор остварија средби и со претставници на Министерството за финансии со кои разговараа за клучните реформи кои се направени во функционирањето на системот на јавни финансии, како и со претставник на Владината канцеларија за локална самоуправа и регионална политика со кого разговараа за системот на локалната самоуправа во Република Словенија и за вклученоста на општините во процесот на преговори за членство на Република Словенија во Европската унија. За време на студискиот престој претставниците на Генералниот секретаријат и Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор остварија средба и со г-дин Андреј Енгелман, претставник на Владината канцеларија за развој и европски прашања со кого разговараа за процесот на преговарање за членство во Европската унија, како и за предизвиците со кои се соочува земјата по пристапувањето во Унијата. На крајот од студиската посета претставниците на Генералниот секретаријат и Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор остварија средба и со претставници на Центарот за информирање, соработка и развој на невладините организации во Република Словенија со кои разговараа за предностите и недостатоците на граѓанскиот сектор во земјата, соработката помеѓу Владата и граѓанскиот сектор, како и за вклучувањето на граѓанскиот сектор во процесот на креирање политики. |






